Bible

Create

Inspiring Presentations Without Hassle

Try Risen Media.io Today!

Click Here

2 Chronicles 26

:
Macedonian - 2006
1 Сиот народ го зеде Озија, кој имаше шеснаесет години, та го постави за цар на местото на таткото негов Амасија.
2 Тој го изгради Елат и ѝ го врати на Јудеја, откако царот, таткото негов, по­чина кај своите предци.
3 Озија имаше шеснаесет години, кога стана цар, и царуваше во Еруса­лим пе­десет и две години; мајка му се викаше Јехолија од Ерусалим.
4 Тој го правеше она што беше угодно пред очите на Господ, токму онака, ка­ко што правеше и татко му Амасија;
5 се определи за Бога во дните на Захарија, кој го учеше на страхо­почит кон Бога; и во оние денови, додека се обраќаше кон Господ, Бог му помагаше.
6 Тој излезе и се судри со Филистеј­ците и ги разруши ѕидовите на Гет, и ѕи­довите на Јавнија, и ѕидовите на Ашдот; ги изгради градовите во областа Ашдот и кај Филистејците.
7 И Бог му помагаше против Филис­тејците и против Арапите, што жи­вееја во Гур-Ваал, и против Меун­ците.
8 И Амонците му плаќаа данок на Озија; и се прочу името негово сѐ до египетските предели, зашто беше многу силен.
9 Озија изгради кули во Ерусалим над аголните порти, над портите кон доли­ната и на аголот, и ги зацврсти.
10 Изгради кули и во пустината, иско­па и многу кладенци, бидејќи тој имаше многу добиток, како во низините, така и во рамнината, и земјоделци и градинари по планините и на Кармил, бидејќи го сакаше земјоделството.
11 Озија имаше војска, која излегуваше во војна по одреди, според она ка­ко што беа изброени во списокот, соста­вен од раката на писарот Јеиел, и надѕирателот Маасејаху, под водството на Хананјаху, голем царски великодостој­ник.
12 Сите глави на семејства, храбри војници, беа на број две илјади и шестотини,
13 и под команда на раката нивна имаше воена сила триста и седум илјади и петстотини души, кои влегуваа во битка со воинствена храброст, да му по­магаат на царот против непријателот.
14 И подготви Озија за нив, за целата војска, штитови и копја, шлемови и оклопи, лакови и камења за праќки.
15 Направи во Ерусалим вешто из­мислени машини, да стојат на кулите и аглите, за да се фрлаат со нив стрели и големи камења. И се прочу името негово далеку, зашто се беше зацврстил чудно и беше станал многу силен.
16 Но кога стана силен, се возгордеа срцето негово за негово загинување, и тој стана престапник пред Господ, не­говиот Бог, зашто влезе во храмот Господов за да запали темјан на кадилниот жртвеник.
17 По него отиде свештеникот Аза­рија и со него осумдесет Господови свештеници, одлични луѓе;
18 тие му се противставија на царот Озија и му рекоа: „Не е твоја работа, Озија, да Му кадиш на Господ; тоа е работа на свештениците, синови Аро­нови, посветени за кадење; излези од светилиштето, зашто направи престап, и тоа нема да ти биде за чест пред Господ Бог!“
19 Се налути Озија, а во раката не­гова имаше кадилница за кадење, и кога се налути на свештениците, се појави лепра на челото негово, пред лицето на свештениците во домот Господов, при кадилниот жртвеник.
20 Го погледна првосвештеникот Азарија и сите свештеници; и ете, има­ше лепра на челото негово. Го при­нудија да излезе оттаму, па и самиот тој брзаше да се оддалечи, зашто го порази Господ.
21 И остана лепрозен царот Озија до денот на смртта своја, и живееше во посебна куќа и беше отстранет од до­мот Господов. А Јотам, неговиот син, управуваше над царскиот дом и му судеше на народот во земјата.
22 Другите дела Озиеви, од првите и до последните, ги опишал пророкот Исаија, син Амоцов.
23 И почина Озија кај своите предци, и го погребаа кај предците негови во по­лето кај царските гробници, зашто ве­леа, тој е лепрозен. А наместо него ста­на цар синот негов Јотам.